Разговорите се многу важни, но не се очекува одлучувачки напредок, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во врска со денешната средба во Москва меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот Владимир Путин.
Средбата е дел од новата рунда меѓународни дипломатски напори насочени кон намалување на тензиите поради военото засилување на Русија во близина на Украина.
„Ситуацијата е премногу сложена за да се очекуваат решавачки напредок на една средба“, истакна Песков пред новинарите иако разговорите ги нарече „многу важни“.
По средбата со Путин во Москва, Макрон заминува во Киев на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во обид да се избегне голем конфликт меѓу Русија и Украина. Според Макрон, изнаоѓањето на преговарачки пат кон деескалација на тензиите околу Украина е приоритет, иако САД соопштија дека испраќаат 3.000 дополнителни војници во Полска и Романија додека Русија распореди војници во близина на Украина. Русија оцени дека планираната посета на Макрон е важна, наведувајќи дека Путин ќе му каже како го разбира првичниот одговор на Вашингтон на барањата на Русија.
Пред неговото патување во Москва, Макрон вчера телефонски разговараше со американскиот претседател Џон Бајден. Во 40-минутниот разговор двајцата лидери споделиле информации за контактите направени за време на викендот, за координација пред патувањето, но и за тековните дипломатски напори поради воено засилување на Русија на границите на Украина.
Макрон претходно имаше одделни телефонски разговори со рускиот и украинскиот лидер за да се обиде да постигне напредок во однос на статусот на регионот Донбас како дел од напорите за смирување на тензиите, се вели во соопштението од канцеларијата на Макрон.
Западот вели дека Русија испрати повеќе од 100.000 војници на границата, што фрла сомнеж дека ова може да биде увертира за инвазијата на Украина. Русија негира дека планира да изврши инвазија, но бара широк опсег на безбедносни гаранции, вклучително и дека на Украина никогаш нема да и биде дозволено да се приклучи на НАТО.