Претседателот на Собранието, Талат Џафери го добил писмото од претседателката на Уставниот Суд, Добрила Кацарска во врска со проблемите во работењето на Уставниот суд, соопштија од неговиот кабинет. Собранието, како што се наведува во соопштението, согласно своите уставни надлежности е информирано за истекот на мандатот на уставните судии, односно Собранието, по предлог на Комисијата за избори и именувања избира уставни судии од редот на истакнати правници во земјата.
„Имајќи предвид дека се опструира работата на Комисијата за избори и именувања (преку изигрување на процедура и примена на методи кои што Претседателот на Собранието ги има елаборирано пред јавноста), предлозите на членовите на Комисијата не може да добијат зелено светло за истите да бидат разгледани на пленарна седница на Собранието и во моментов Собранието не може да избере Уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд“, велат од кабинетот на Џафери.
Кацарска во писмото упатено до Џафери побара Собранието наскоро да избере четворица уставни судии. Таа во писмото изразува загриженост за состојбата со намалениот број на судии и бара Џафери да го заложи својот авторитет за да се изберат судиите.
На уставниот судија Јосиф Јосифовски на 14 јануари му истече деветгодишниот мандат, а во јули минатата година им истече мандатот на судиите и поранешни претседатели на Уставниот суд Елена Гошева, Никола Ивановски и Сали Мурати, кои заминаа од Уставниот суд со навршени девет години мандат. Нивните испразнети столчиња до сега требаше да бидат исполнети со нови судии на предлози од Собранието.