СДСМ бара ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече Декларацијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. За владејачката партија станува збор за политичко подметнување од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се продлабочат поделбите кај македонскиот народ и оди на штета токму на неговиот лик и дело.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ да ја повлечат Декларацијата да се вклучат на конструктивен начин во процесите кои се од национален интерес“, бараат од СДСМ.
Според СДСМ, македонскиот национален херој Делчев не заслужил да биде сведен на политичка декларација, а делото на великанот и неговиот историски придонес во создавањето на македонската држава не заслужува ваков потценувачки однос.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, бараат СДСМ да каже што не е прифатливо од Декларацијата за Делчев.
Од опозициската партија велат дека се убедени оти со Декларацијата по повод 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, наместо неорганизирано, дифузно и недостоинствено одбележување, се воспоставуваат стандарди и се реализираат активности кои на еден одмерен, коректен и пред сé достоинствен начин државата ќе го одбележи овој голем јубилеј.
За ВМРО-ДПМНЕ, однос на СДСМ кон Декларацијата упатува на две можни причини: или не ја прочитале Декларацијата или СДСМ можеби се дел од некое сценарио кое има за цел натамошно да ја девалвира државноста и историјата на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ сака да добие поддршка за Декларацијата за зацврстување на темелот за ликот и делото на Гоце Делчев од сите политички партии, и парламентарни и вонпарламентарни.