Министерката за труд оптимист дека ќе се најде најсоодветно решение за минималната плата

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска верува дека на денешното продолжување на социјалниот дијалог на Економско - социјалниот совет ќе го донесе најсоодветното решение за зголемување на минималната плата, кое ќе биде прифатено од сите социјални партнери.

„За нас како Влада подобрувањето на економскиот статус на работниците е врвен приоритет и минималната плата ќе биде зголемена, рече министерката во денешното интервју на ТВ 24.

Таа вели дека Буџетот е во добра кондиција и секое предложено решение ќе биде поткрепено со финансии“, рече министерката Тренчевска.

Министерката Тренчевска посочи дека барањето на Сојузот на синдикатите кое го поддржуваат и другите синдикати, е реално бидејќи е согласно трошоците на живот и потрошувачката кошничка.

Синдикатите бараат 18.000 денари минимална плата или 62 отсто од просечната плата. Организацијата на работодавачи бара донесување на минимална плата со 50 проценти од просечната плата, Бизнис конфедерацијата на Македонија предлага обезбедување на финансиска помош за исплата на минималната плата од буџетот на РСМ.

Досега партнерите во Економско - социјалниот совет одржаа неколку состаноци на кои не најдоа заеднички јазик за зголемување на минималната плата. Дијалогот продолжува денеска.