Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Москва ќе се сретне со рускиот лидер Владимир Путин, по што заминува во Киев на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во обид да се избегне голем конфликт меѓу Русија и Украина. Според Макрон, изнаоѓањето на преговарачки пат кон деескалација на тензиите околу Украина е приоритет, иако САД соопштија дека испраќаат 3.000 дополнителни војници во Полска и Романија додека Русија собира војници во близина на Украина. Русија оцени дека планираната посета на Макрон е важна, наведувајќи дека Путин ќе му каже како го разбира првичниот одговор на Вашингтон на барањата на Русија.
ЕУ подготви нов пакет санкции против Русија ако ја нападне Украина
Макрон вчера имаше телефонски разговори со британскиот премиер Борис Џонсон и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Одделните разговори со Џонсон и Столтенберг беа одржани во контекст на „тековните консултации на сојузниците за решавање на тензиите меѓу Русија и Украина“, соопшти француското претседателство. Макрон претходно имаше одделни телефонски разговори со рускиот и украинскиот лидер за да се обиде да постигне напредок во однос на статусот на регионот Донбас како дел од напорите за смирување на тензиите, се вели во соопштението од канцеларијата на Макрон.
Путин: Безбедносните гаранции игнорирани од САД и НАТО
Во соопштението, исто така, се наведува дека Макрон им ја нагласил на рускиот Владимир Путин и на Володимир Зеленски важноста да се разговара за условите за постигнување стратешка рамнотежа во Европа што ќе овозможи намалување на тензиите на теренот и ќе ја гарантира безбедноста на континентот. Соединетите држави во минатата недела наведоа дека Русија формулирала неколку опции како изговор за инвазија врз Украина, вклучително и потенцијална употреба на пропагандно видео кое прикажува инсцениран напад.