Русија би можела да ја нападне Украина во рок од неколку дена или недели, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан во интервјуа за американски телевизии.
„Секој ден Русија може да преземе воена акција против Украина, или може да поминат неколку недели од сега, или Русија би можела да избере да тргне по дипломатскиот пат наместо тоа“, рече Саливан во денешното интервју за Фокс њус.
Секоја евентуална руска акција може да вклучи анексија на украинскиот регион Донбас, сајбер напади или целосна инвазија на Украина, рече тој во друго интервју за телевизијата Еј-би-си. Саливан, исто така, рече дека САД не испраќаат војници кај сојузниците од НАТО за да започнат војна со Русија или да водат војна со Русија во Украина.
Тој зборуваше откако голем контингент американски војници слетаа во Полска на 6 февруари како дел од засилување на земјата која е сојузник во алијансата. Падобранци од 82-та воздушно-десантна дивизија на американската армија слетаа на аеродромот Жешов во југоисточна Полска. Командантот на дивизијата на новинарите на аеродромот им рече дека распоредувањето е „внимателна мерка“ и има „одбранбена природа“. Дополнителните трупи „се тука за да ја подобрат подготвеноста, интероперабилноста на сите полиња со нашите полски сојузници и доколку е потребно, да го одбранат кој било дел од НАТО“, рече Крис Донаху.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
САД минатата недела објавија дека ќе распоредат 3.000 дополнителни американски војници во Германија и во Источна Европа, како дел од напорите да ја поттикнат Русија да ги повлече повеќето од 100.000 војници кои ги распореди во близина на границата со Украина. Полска, која се приклучи на НАТО во 1999 година, веќе е домаќин на околу 4.500 американски војници на ротација.