Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски денеска рече дека е скандалозно тоа што во предлог Законот за граѓанска одговорност за навреда се одговара и за „негативно мислење“ и со тоа, како што кажа Стоилковски власта сака да го репресира народот за секоја критика на нивните лоши политики и за владеењето на криминалот и корупцијата.
„Ова за жал не е преседан и грешка, туку е тенденција која трае неколку години. Така во 2019-та година истата власт на заевизмот бараше ограничување на правото на протест, меѓу другото и со забранување на протести пред седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив. А каде граѓаните да го изразат револтот за лоши политики, ако не пред институциите кои тоа го предизвикуваат“,рече Стоилковски.
Од Здружението на новинари, пак, наведоа дека таа дефиниција е нова и се разликува од постоечкиот закон, а на начинот на кој е дефинирана остава простор за погрешно толкување од страна на граѓанскиот суд на штета на слободата на изразување.
„Иако во локалната судска пракса предметите кон медиумски работници се пред се за клевета и речиси да нема за навреда, ваквата дефиниција доколку не се измени може да поттикне во иднина бран на тужби кон новинарите само за искажано мислење што во основа е спротивно со начелата на слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните“, реагираат од ЗНМ.
Инаку Министерството за правда утрово соопшти дека формулацијата во предлог Законот за граѓанска одговорност е грешна формулација за што ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа.
„Министерството за правда целосно ги поддржува новинарски слободи и права и сите закони ги носи заедно со здруженијата, а во интерес на објективното и слободното информирање“, се наведува во соопштението од министерството.
Предлог законот за граѓанска одговорност за навреда и кревета се наоѓа во собраниска процедура и според датумот на документот е подготвен во јули минатата година од владата, а како нејзини претставници се наведени поранешниот министер за правда Бојан Маричиќ и тогашниот и актуелен заменик министер Агим Нухиу. На прво читање во собраниската комисија за европски прашања беше во средата на трети февруари. Во членот 6 од предлогот се наведува дека „за навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негативно мислење“.