ССМ- ако не се изгласа минимална плата почнуваме со блокади

Зградата на Сојуз на синдикати на Македонија во Скопје

Владата одлучно да застане на страната на работниците, да го стави предлогот за минималната плата на Сојузот на синдикатите на Македонија на гласање на Економско социјалниот совет и да го поддржи, порачаа денеска од ССМ. Тие бараат решение за минимална плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на останатите плати. ССМ, како што информираат, во четврток на 10.02.2022 година ќе излезе пред Собранието на Македонија и ќе го повика членството да им дадат поддршка на сите пратеници да го изгласаат предлог законското решение предложено од ССМ.

„Доколку и тоа не се изгласа, почнуваме со Штрајк – блокади на фабрики, слободни економски зони, институции, патишта и итн., зошто виновни што немаме минимална плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на сите останати плати се работодавачите, а на Владата и порачуваме одлучно да застане на страната на работниците и да го стави предлогот на ССМ на гласање на ЕСС и истиот да го поддржи“, велат од ССМ.

На втората средба што се одржа завчера во Владата за минималната плата не беше постигнат договор. Разговорите, според најавите, треба да продолжат следната недела откако утре на седница на Економскиот совет на Владата ќе биде разгледано се за што е разговарано досега, како и најновиот предлог на Бизнис конфедерацијата изнесен на последниот состанок на Економско-социјалниот совет да се субвенционира дел од зголемувањето на минималната плата.

Во Собранието на дневен ред на пленарна седница на 10 февруари по скратена постапка е ставен предлог за измени на Законот за минимална плата поднесен од „Левица“ со кој се бара минималната плата да биде 60 проценти од просечната плата. Досега, поддршка за ваквиот предлог најавија од ДОМ, Демократскиот сојуз и Социјалистичката партија.