ССМ донесе одлука за протест пред Собранието во четврток

Македонија - Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија

Сојузот на синдикатите на Македонија на својата страница на социјалната мрежа Фејсбук денеска објави дека едногласно 300 членови на штрајкувачите одбори донеле одлука за собир пред Собранието в четврток кога на дневен ред е предлог законот за зголемување на минималната плата.

„Донесена е одлука за организирање на собир пред Собранието на Македонија на 10.02.2022 година со почеток во 11 часот со општ повик до сите граѓани, работници и синдикати за поддршка на пратениците веднаш да го изгласаат законот за минимална плата од 18.000 денари и спирално зголемување на останатите плати“, наведуваат од ССМ.

Во објавата се наведува дека е донесена и одлука за организирање други облици на притисок, блокирање на фабрики, институции и патишта со предходна најава и организација.

До оваа одлука доаѓа откако вчера не се постигна договор за зголемување на минималната на состанокот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. По средбата која се одржа во Владата, претседателот на Сојузот на синдикатите (ССМ), Дарко Димовски рече дека било очигледно дека работодавачите си гледаат само за себе.

„Тоа е еден нефер и некоректен однос од страна на работодавачите, а Владата излезе со една одлична анализа каде што кажува дека моделот што го предлага ССМ и останатите синдикати е најприфатлив. Ја охрабрувам владата, бидејќи гледам дека е на наша страна, врз основа на ова што денеска го презентираа како анализа, веќе еднаш цврсто да застанат рамо до рамо со работникот и да го даде тоа што бараме. Да не се молиме за минимална плата од 18 илјади денари и скалесто зголемување на останатите плати. А работодавачите нека продолжат така и понатаму и ќе останат и без овие работници. И ние синдикатите ќе затвориме, но и тие ќе затворат“, рече Димовски.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека имало напредок на вчерашниот состанок.

„Заедничкиот заклучок е дека постоечкиот модел за усогласување на минимална плата е неприфатлив за ниту една страна. Тој модел не генерира достоинствено зголемување на минимална плата, не одговара на реалните потреби на работниците и во суштина го отфрливме, тоа е еден до заклучоците“, рече Битиќи.

Владата во понеделник ќе има економски совет на кој ќе се дискутира за сите предлози изнесени за минималната плата. Од Бизнис Конфедерација на Македонија бил доставен предлог и за обезбедување на финансиска помош за исплата на минимална плата од буџетот на државата.

Вчера пред состанокот претставници на Сојузот на синдикати на Македонија ја блокираа улицата пред седиштето на Организацијата на работодавачи во центарот на Скопје во знак на незадоволство од нивниот предлог за методологијата на минималната плата.