Во текот на ноќта руската државна агенција за следење на медиумите Роскомнадзор се закани дека ќе блокира осум веб страници на Радио Слободна Европа кои се наменети за публиката во Русија, Украина и Централна Азија доколку веднаш не се остранат текстовите поврзани со истрагите за корупција кои ги водеше затворениот опозициски лидер Алексеј Навални.
Роскомнадзор испрати повеќе од 60 известувања преку електронска пошта со барање содржината поврзана со истрагите на Навални да биде избришана од двете најголеми интернет траници на РСЕ за руската публика - Радио Слобода и Тековно време и од сајтовите на РСЕ на руски јазик за украинскиот полуостров Крим, Казахстан и Таџикистан, како и локални страници за руските региони Сибир, Волга-Урал и северозападниот регион.
Меѓу содржината има и истраги за корупција поврзани со „палатата“ на рускиот претседател Владимир Путин на Црно море, со бизнисменот поврзан со Кремљ Евгениј Пригожин, со рускиот православен патријарх Кирил и други високи фигури во структурите на моќ во Русија. РСЕ доби рок од 24 часа да отстрани десетици текстови, за кои Роскомнадзор вели дека претставуваат кршење на законите за антиекстремизам и антитероризам во Русија.
Радио Слободна Европа нема да го исполни барањето, кое претседателот на организацијата Џејми Флај, го нарече чин на „политичка цензура“.
„РСЕ нема да дозволи Кремљ да ги диктира нашите уредувачки одлуки. Ова е бесрамен чин на политичка цензура од страна на владата на која очигледно и се закануваат новинари кои само известуваат за вистината“, се вели во соопштението на Флај.
Роскомнадзор достави слични барања во последните денови до повеќе од десетина руски медиуми, вклучувајќи го и весникот Новаја газета. Хјуман рајтс воч во декември соопшти дека руските власти ги „удвоиле своите напори“ во текот на изминатата година да ги потиснат слободите на интернет, наведувајќи го блокирањето на алатките што се користат за заобиколување на цензурата, проширувањето на „угнетувачките“ закони за Интернет и притисокот врз технолошките компании да се усогласат сосе „повеќе задушувачките закони“.
Последниот потег доаѓа во време на зголемен притисок врз РСЕ и други независни медиумски организации и новинари кои беа етикетирани како „странски агенти“ од руското Министерство за правда.