Првите американски војници пристигнаа во Полска

Транспортниот авион на американските воздухопловни сили на аеродромот во близина на Жешов, Полска, 4 февруари 2022 година

Првите американски војници кои треба да ги засилат сојузниците на НАТО во Источна Европа во услови на зголемено присуство на руската војска на границата со Украина пристигнаа денеска во воена база во југоисточна Полска.

„Како што беше најавено, првите елементи од борбената група на бригадата од 82-та воздушно-десантна дивизија на Армијата на Соединетите Американски Држави пристигнаа во Полска“, изјави портпаролот на полската војска.

Вашингтон минатата недела соопшти дека ќе испрати речиси 3.000 дополнителни војници во Полска и во Романија за да ја заштити Источна Европа од потенцијалното прелевање од украинската криза. Портпаролот на Пентагон Џон Кирби на трети февруари рече дека околу 2.000 американски војници од САД ќе бидат распоредени во Полска и Германија, додека околу 1.000 војници, кои сега се присутни во Германија, ќе бидат преселени во Романија.

„Околу 1.700 војници, главно падобранци од 82-та воздушно-десантна дивизија, ќе се распоредат од Форт Брег, Северна Каролина во Полска „во текот на следните денови“, соопштија извори од американската армија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Американски војници заминуваат за Источна Европа

Првите дополнителни американски војници пристигнаа во Германија на четврти февруари. Русија прати повеќе од 100.000 борбено подготвени војници и тешка опрема во близина на Украина и на Крим, што според Соединетите Американски Држави може да биде вовед во инвазија.

Соединетите Американски Држави и нивните европски сојузници ја предупредија Русија дека ќе воведат строги економски казни за земјата и ќе и достават повеќе оружје на Украина во случај на инвазија.