Македонска и бугарска делегација составена од ресорните министри за трансорт и туроператори од двете држави ќе бидат патници на првиот лет што треба да се реализира на 11-ти месецов на релацијата Софија-Скопје. Компанијата „Гуливер“ е заинтерсирана да го реализира летот, а на оваа релација се очекува да има редовни летови во текот на следниот месец, информираше денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
„На 10 февруари ќе имаме средба во Софија заедно со нашите тимови на Комисијата за транспорт и инфаструктура и на 11-ти веќе ќе се организира првиот лет од Софија за Скопје каде заедно со делегациите од нашата страна и министерот и туроператори од Бугарија ќе бидеме дел од тој лет заедно. На 11 февруари во Скопје ќе организираме заедничка средба со туроператорите од Северна Македонија, каде што очекувам да се најдат сите поволности и можности и најдобри солуции за граѓаните, за да во иднина оваа линија биде операбилна и да може да оперира редовно на релација Софија – Скопје и секако уште една дестинација која ќе биде дополнителна можност за граѓаните“, изјави Бочварски одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Кочани.
Неговиот бугарски колега Николај Сабев исто така вчера најави дека првиот лет од Софија за Скопје ќе биде на 11 февруари и оти редовните летови ќе започнат во март, како и дека туроператорите од Бугарија и Северна Македонија треба да се договорат за туристички пакети сокоиштп ќе се зголемат меѓусебните посетите на туристите од двете земји.
Сабев најави дека властите во Скопје ќе обезбедат слотови за летовите на авиокомпанијата со Софија, која ќе лета или до Тирана, или Атина или Истанбул. За рутата треба да има повластени давачки, кои ќе ги добива бугарската авиокомпанија што ќе ги извршува летовите. Тогаш ќе може да се види каков е протокот на патници во овие насоки, за да може да се направи точна проценка и авиолинијата да опстои.
Бочварски и Сабев на 25-ти минатиот месец во Софија потпишаа два докумената за зајакнување на инфраструктурното поврзување на двете земји, за директна авиолинија Скопје-Софија и за железничкиот Коридор 8. Документите беа потпишани по заедничката седница на двете влади.