САД ги ублажија санкциите за иранската нуклеарна програма

Иранскиот нуклеарен реактор  Арак

Соединетите Американски Држави го обновија укинувањето на санкциите кон Иран со што ќе се овозможат проекти за меѓународна нуклеарна соработка во период во кој индиректните преговори меѓу Техеран и Вашингтон за спасување на нуклеарниот договор од 2015 година влегуваат во критична фаза. Тие беа поништени од САД за време на владеењето на поранешниот претседател Доналд Трамп, кој се повлече од договорот и повторно ги воведе санкциите.

Американскиот Стејт департмент испрати извештај до Конгресот потпишан од државниот секретар Антони Блинкен во кој објаснува дека враќањето на изземањето од санкции ќе помогне во разговорите во Виена кои се водат за оживување на договорот, формално наречен Заеднички сеопфатен план за акција.

„Одрекувањето од овие активности е дизајнирано да ги олесни дискусиите што ќе помогнат да се склучи договор за взаемно враќање на целосна имплементација на Заеднички сеопфатен план за акција и да се постави основата за враќање на Иран кон исполнување на обврските од него “, се наведува во извештајот во кој увид имала агенцијата Ројтерс.

Во него се наведува и дека одлуката исто така е дизајнирана да им служи на американските интереси за неширење, нуклеарна безбедност и ограничување на нуклеарните активности на Иран. Активностите, според извештајот, вклучуваат редизајнирање на иранскиот реактор Арак, подготовка и модификација на подземната централа за производство на стабилни изотопи, како и операции, обука и услуги поврзани со нуклеарната централа Бушер.

Ова беше потребно за да се овозможат технички разговори кои беа клучни за разговорите за враќање на договорот, тврди висок претставник на Стејт департментот. Официјалниот претставник додаде дека враќањето на изземањето не е сигнал дека САД се на работ да постигнат согласност за враќање на договорот.

„Не дозволивме ублажување на санкциите кон Иран и нема сè додека Техеран не се врати на своите обврски “,наведе портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс на Твитер на 4 февруари.

Соединетите Држави и Иран одржаа осум рунди индиректни разговори во Виена од април за да го вратат договорот со кој беа укинати санкциите кон Техеран во замена за значителни ограничувања на неговите чувствителни нуклеарни активности. Откако Трамп ги повлече Соединетите држави од договорот во 2018 година и повторно воведе остри санкции, Иран постепено почна да не ги почитува обврските. Претседателот Џо Бајден вети дека повторно ќе се приклучи на договорот ако Техеран се врати на целосно усогласување.