Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој е во тридневна посета на Кина на отворањето на Зимските олимписки игри, денеска се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг, јави дописникот на МИА од Белград.
Ова, како што објави Вучиќ е седма официјална средба со претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг.
„Разговаравме за стратешки прашања, взаемната поддршка, зачувување на територијалниот интегритет во меѓународните институции и организации – тоа е многу важно за нашата земја поради Косово“, изјави Вучиќ за РТС.
Тој посочи дека прашањето за Договорот за слободна трговија е многу важно за Србија и додаде дека се што е поврзано со тоа треба да биде завршено до крајот на годинава.
„За нас прашањето за Договорот за слободна трговија е страшно важно и кога зборуваме за тоа, не е прашање само за нашите земјоделски производители, за нашите винари и лозари, производители на ракија и се друго, да можат да ги продадат своите големи количини на најголемиот пазар во светот, што е кинескиот, туку станува збор и за носење нови инвестиции, кажа срспкиот ретседател.
Според Вучиќ, тоа е важно и за Западот и другите делови од светот, бидејќи „кога знаат дека Србија има договор за слободна трговија со Кина, тогаш навистина стануваме убедливо најдоброто место за инвестирање во цел тој дел од Европа“.
Како што посочи, на средбата се зборувало и за воено-техничка соработка, но и за инфраструктурни проекти на кои Србија работи со Кина.
„Во Ниш наскоро ќе се отвори кинеска фабрика, со проширување на инвестицијата во Крагуевац“, најави претседателот на Србија.
Тој посочи и дека се разговарало и за воспоставување на авио линија Белград-Пекинг и Белград-Шангај, каде што оператор ќе биде авиокомпанијата Ер Србија, се наведува на веб-страницата на претседателот на Србија.