Професорот Ангел Димитров, кој е копретседател на заедничката македонско-бугарска мешовита комисија за историски и образовни прашања, во интервју за Бугарското национално радио денеска вели дека имало цикличност во однесувањето на, како што кажа, нашата млада сосетка Северна Македонија.
Кога се чувствува поактивна комуникација, тврди Димитров „факторите со неосветлено минато или скриени позиции се активираат за да се спречат“.
Тој вели дека заедничката комисија мора да работи и ќе работи, а дека секој обид да се прекине нејзината работа бил гест на лоша волја и лошо постапување со Договорот за пријателство и добрососедство.
„Но, јасно е дека постои притисок врз работата на комисијата од страна на Северна Македонија, дека луѓето таму си го поставуваат прашањето - како ќе им се дозволи да ги направат корекциите кои се неопходни“, вели Димитров.
Копретседателот на комисијата од македонска страна Драги Ѓоргиев деновиве изјави дека ако во овој момент историската комисија прави проблем на патот по кој се тргнати двете влади, да се релаксира политичката атмосфера, тој би бил согласен работата на комисијата да се замрзне на година, две бидејќи постоело чувство дека таа комисија создава проблеми преку препукувањата во јавноста.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во однос на најавената заедничка прослава на двете влади на 150 годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, што вчера го одбележаа двете држави со повеќе одделни настани и едно заедничко положување цвеќе на неговиот гроб во Скопје, Ѓоргиев рече дека тоа ја става комисијата во апсурдна ситуација. Инаку комисијата која работи речиси четири години не успеа да дојде до заедничка препорака за чествување на Делчев.
Димитров во денешното интервју вели дека е нормално граѓаните на двете земји да одржуваат заеднички прослави со почит кон споменот и делото на Делчев.
„Се надевам дека во Македонија има луѓе кои ќе разберат дека Бугарија не го крие клучот од европската врата, туку тоа го прават одредени кругови во Македонија. Клучот за ЕУ е во рацете на политичарите во Скопје, а не овде...Создавањето страв, нервози со фиктивен непријател, со измислена теза е дело на пропаганда. Таму има тензија од медиумите, од изјави за да се создадат сугестии дека некој сака да им го одземе идентитетот. Апсурдно е да се стави знак на еднаквост меѓу историјата како наука и идентитетот“, вели Димитров.
Инаку во средата министерствата за надворешни работи на Македонија и на Бугарија се огласија со соопштенија во кој повикуваат на важноста на комисијата како дел од Договорот за пријателство од 2017 година, дека ја разбираат потребата на членовите да ги изразуваат своите погледи и ставови и ги повикуваа да се придружуваат до новата иницијатива најавена на заедничката седница на двете влади која се одржа минатиот месец во Софија. Соопштението на македонското МНР беше дека реагираат „по последните јавни настапи на претставниците на Заедничката Комисија за историски и образовни прашања“, а бугарската дипломатија наведе дека реакцијата следи по изјавите на коопретседателот на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања на Република Северна Македонија.