Нема договор за зголемување на минималната плата ниту на денешниот состанок меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. По средбата која се одржа во Владата, претседателот на Сојузот на синдикатите (ССМ), Дарко Димовски рече дека било очигледно дека работодавачите си гледаат само за себе.
„Тоа е еден нефер и некоректен однос од страна на работодавачите, а Владата излезе со една одлична анализа каде што кажува дека моделот што го предлага ССМ и останатите синдикати е најприфатлив. Ја охрабрувам владата, бидејќи гледам дека е на наша страна, врз основа на ова што денеска го презентираа како анализа, веќе еднаш цврсто да застанат рамо до рамо со работникот и да го даде тоа што бараме. Да не се молиме за минимална плата од 18 илјади денари и скалесто зголемување на останатите плати. А работодавачите нека продолжат така и понатаму и ќе останат и без овие работници. И ние синдикатите ќе затвориме, но и тие ќе затворат“, рече Димовски.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека имало напредок на денешниот состанок.
„Заедничкиот заклучок е дека постоечкиот модел за усогласување на минимална плата е неприфатлив за ниту една страна. Тој модел не генерира достоинствено зголемување на минимална плата, не одговара на реалните потреби на работниците и во суштина го отфрливме, тоа е еден до заклучоците“, рече Битиќи.
Владата во понеделник ќе има економски совет на кој ќе се дискутира за сите предлози изнесени за минималната плата.
Од страна на Бизнис Конфедерација на Македонија бил доставен предлог и за обезбедување на финансиска помош за исплата на минимална плата од буџетот на државата. Битиќи рече дека овој предлог бара дополнителна анализа.
Претходно денеска претставници на Сојузот на синдикати на Македонија ја блокираа улицата пред седиштето на Организацијата на работодавачи во центарот на Скопје во знак на незадоволство од нивниот предлог за методологијата на минималната плата.