Дојче веле го затвори московското биро по руската забрана

Седиштето на Дојче веле во Москва

Работата на Дојче веле (ДВ) во Русија е прекината, еден ден откако Москва му соопшти на германскиот радиодифузер дека му ги одзема акредитациите. Потегот на Русија уследи откако Берлин забрани емитувањата на рускиот канал РТ ДЕ, познат како Русија денес, бидејќи нема соодветна лиценца.

ДВ на 4 февруари соопшти дека нивните дописници во Москва престанале да работат и ги вратиле своите акредитации, како што наложи руското Министерство за надворешни работи, иако ДВ има валидна лиценца. Досега од новинарите на ДВ не било побарано да ја напуштат земјата, се додава во соопштението.

„Ова беше огромен шок за сите нас“, рече Ирина Филатова, која работи за рускиот сервис на ДВ во Германија. Рускиот сервис во Германија денеска се уште емитуваше програма.

„Очекуваме некакви мерки откако РТ беше забранета во Германија. Но, не очекувавме дека овие одмазднички мерки на руските власти ќе бидат толку тешки... Не очекувавме дека нашето московско студио ќе биде затворено и сите наши колеги кои работат во Русија ќе ги изгубат акредитациите“, рече Филатова.

Затегнувањето на врските доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Западот и Москва поради информациите дека Русија распоредила десетици илјади војници во областите околу границата со Украина. Германија, меѓу многуте земји, го повика Кремљ да ја деескалира ситуацијата со повлекување на своите војници и опрема од границата. Во исто време Русија силно ги напаѓа независните медиуми, а протера и неколку западни новинари.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова на 4 февруари изјави дека Москва е отворена за решавање на конфликтот, но и дека тој може да ескалира доколку Берлин преземе дополнителни чекори.

Тензиите започнаа на 2 февруари кога германската регулаторна комисија за медиуми донесе одлука дека РТ ДЕ мора да престане да ги емитува своите програми на германски јазик во земјата, потврдувајќи ја пресудата донесена во декември според која РТ ја нема потребната лиценца за емитувањата. РТ тврди дека лиценцата што ја поседува во Србија за сателитски пренос и дава право да емитува програма во Германија според договорот на Советот на Европа во кој двете земји се членки.

Следниот ден, Русија соопшти дека ќе започне постапка ДВ да биде означен како странски агент, а на германските функционери и други поединци вклучени во одлуката за забрана на емитувањето на РТ во Германија да им биде забранет влез во Русија.

Дојче веле го нарече рускиот потег „апсурден“.