Ердоган - Бајден и Западот не помогнаа во решавањето на украинската криза

Ердоган во посета на Украина.

САД и другите западни држави ништо не направиле за да ја решат кризата меѓу Русија и Украина, изјави денеска претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, јавуваат турските медиуми

Ердоган, кој сака да биде посредник помеѓу Москва и Киев, наведе дека ниту еден европски лидер не е способен да ја реши кризата, како и оти американскиот претседател Џо Бајден исто така не придонел за решавање на кризата.

Претседателот на Турција по вчерашната средба со украинскиот колега Володимир Зеленски во Киев, ја повтори турската понуда за посредување во кризата со Москва.

Турција има морска граница со Русија и со Украина во Црно Море. Ердоган ја предупреди Москва дека евентуален напад врз Украина не е мудар потег. Тој најави дека Турција како земја-членка на НАТО ќе направи се што е потребно во случај на руска инвазија, но одбива да воведе санкции против Москва.

Турција соработува со Русија во енергетскиот и одбранбениот сектор, но Анкара се спротивстави на политиката на Москва во Сирија и во Либија, како и на руската анексија на Крим во 2014 година. Но, Турција и продаде и софистицирани воени дронови на Украина.

Некои западни земји ја обвинија Турција дека се оддалечува од НАТО поради нејзината соработка со Русија, што доведе до тоа САД да воведат санкции против Анкара во 2020 година. Турција го негира тоа и вели дека може да формира позитивни врски со сите земји.