Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега Си Џинпинг го повикаа Западот „да се откаже од идеологизираните пристапи од времето на Студената војна“, додека двајцата лидери ги демонстрираа продлабочените односи во услови на ќорсокак во релациите меѓу Москва и западните земји. Си и Путин, кој е во Пекинг на свеченото отворање на Зимските олимписки игри, разговараа пред почетокот на свеченостите закажани подоцна за денеска.
Заедничката изјава доаѓа во време во кое Русија испрати повеќе од 100 000 војници во близина на границата со Украина и побара европски безбедносни гаранции, вклучително и ветување дека Украина никогаш нема да биде примена во НАТО.
Во заедничката изјава Москва наведува дека целосно го поддржува ставот на Пекинг за Тајван и се спротивставува на тајванската независност во која било форма, истовремено критикувајќи го „негативното влијание на Вашингтон врз мирот и стабилноста“ во азископацифичкиот регион.
Путин претходно ги поздрави блиските врски на Русија со Кина. Двете земји се обидуваат да претстават обединет фронт наспроти зголемените критики од Западот.
„Односите на Москва со Пекинг се пример за достоинствен однос, рече Путин во телевизиската изјава на почетокот на средбата.
Оваа е и прва лична средба на Путин и Си од 2019 година и доаѓа во време кога двете земји се повеќе ја усогласуваат својата надворешна политика. Односите на Кина со Западот, исто така, беа сè понапнати поради состојбата со човековите права во таа земја, особено за односот кон Ујгурите и другите претежно муслимански малцински групи во провинцијата Ксинџијанг. Путин му рекол на Си дека Русија подготвила и нов договор за снабдување на Кина со 10 милијарди кубни метри природен гас од нејзиниот Далечен Исток.