Бугарскиот премиер Кирил Петков на официјалната страница на Фејсбук на Владата на Бугарија објави текст по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
„Денеска ја славиме 150-годишнината од раѓањето на еден од најсветлите умови во нашата историја - бугарскиот револуционер Гоце Делчев. Тој е еден од симболите на борбата за слобода, идеолог на македонско-одринското револуционерно ослободително движење. Гоце Делчев е составен дел од нашата заедничка историја со луѓето од Северна Македонија. Тој е една од личностите кои ги прават горди и двата народа“, напиша Петков.
Инаку како што јави МИА вршителот на должност амбасадор на Северна Македонија во Бугарија Владимир Крстевски, ќе положи венец на церемонијата на чествувањето на 150-годишнината од раѓањето на Делчев, заедно со претседателот на Бугарија Румен Радев и бугарскиот премиер Петков.
Со низа манифестации во Благоевград свечено ќе се одбележи годишнината од раѓањето на Делчев. Во 17 часот од Судскиот совет ќе започне свечена поворка во спомен на Гоце Делчев, а во 17:30 часот е свеченото положување венци пред споменикот на Делчев на плоштадот „Македонија“. Во фоајето на Регионалниот историски музеј во градот ќе биде претставена изложбата „Бесмртниот апостол Гоце Делчев“.
Благоевград е поврзан со Гоце Делчев и неговото семејство. Таму се погребани неговиот татко и други негови роднини. Во Благоевград се спасени многу бегалци од Кукуш од почетокот на 20 век. По Гоце Делчев е именуван и градот Неврокоп во 1951 година, кад ешто има споменик на херојот во ослободителната борба за независна Македонија.