Претседателот Стево Пендаровски денеска пред Музеј на македонската борба каде што ќе ја отвори изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ оцени дека заедничкото одбележување на овој ден на македонска и бугарска делегација, а без одлука донесена од заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања, не смета дека е притисок врз комисијата туку чин на добра волја на двете страни за намалување на тензиите поттикнати од бугарската блокада на македонските европски интеграции.
„Не знам дали во формална смисла постои одлука за заедничко чествување бидејќи тоа би требало да биде една од надлежностите на историската комисија, меѓутоа не гледам проблем и да не е така. Ние и пред да постои историската комисија имавме заеднички чествувања на одредени настани и личности и без да има одлука на историската комисија сме правеле и во Бугарија и во Македонија на различни паметници. Не гледам проблем во тоа некој од нашите соседи да искажува пиетет кон еден од камен темелниците на нашата државност“, рече Пендаровски.
Инаку цвеќе на гробот на Гоце Делчев во 13 часот во Скопје ќе положи и бугарската делегација која ќе ја предводи шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, а заедно со македонската министерка за култура Бисера Костадинова Стојчевска и заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.
„Владата на Северна Македонија го поздравува учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на, за нас, најзначајниот историски лик за нашата земја, со што двете држави продолжуваат со напорите за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата“,соопштија од владата.
Ова не е првпат политичари од двете земји да го чествуваат Делчев. Во 2017 година и во 2019 година поранешните премиери на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов положуваа цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.
Копретседателот на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу двете земји Драги Ѓоргиев за Радио Слободна Европа рече дека ако политичарите нашле начин и формула да го слават заеднички Делчев тогаш тој сегмент од работата на комисија, како што вели, треба да биде тргнат.
„Мое лично мислење е дека заедничкото политичко чествување на Гоце Делчев од страна на двете влади ја става комисијата во поглед на заедничките чествувања во една апсурдна ситуација. Ако политичарите се договараат заеднички да чествуваат одредени личности или настани од историјата на Македонија и на Бугарија околу кои има некои точки на спојување тогаш која е целта на самата комисија? Што треба таа комисија да направи во однос на Гоце Делчев, ако веќе самите политичари се договориле да го слават Гоце Делчев заедно? “ вели Ѓорѓиев.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Инаку Пендаровски, кој денеска положи цвеќе на гробот на Делчев пред скопската црква Свети Спас беше пречекан од група луѓе кои го исвиркаа. Одговорајќи на новинарско прашање за тој настан претседателот рече дека реакцијата е нормална во една демократија.