Ковачевски- почит за историскиот придонес на Делчев во создавањето на македонската државност

Премиерот Димитар Ковачевски на седница во Владата

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски кој се наоѓа во официјална посета на Брисел на средби со челнците на Европската унија преку статус на социјалната мрежа Фејсбук ја честиташе 150 годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев. Тој наведе дека се одбележува век и половина почит и слава кон животот и делото на великанот на македонското национално револуционерно дело.

„Денеска, на 4 февруари на денот на раѓањето на Гоце Делчев се сеќаваме и оддаваме почит на неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност. Како инспиратор и водач на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност на сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност во политичките предизвици пред кои беше исправено прашањето за создавање на самостојна држава“, напиша премиерот Ковачевски.

Денеска во Македонија и во Бугарија се чествува раѓањето на револуционерот за кој двете држави имаат несогласувања, а има и една заедничка активност, делегации од двете земји заеднички ќе положат цвеќе на неговиот гроб. Заедничката историска комисија меѓу двете земји која работи речиси четири години не успеа да дојде до заедничка препорака за чествување на неговиот лик и дело.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ѓоргиев- заедничкото чествување на Делчев на двете влади ја става комисијата во апсурдна ситуација

Во Скопје годишнината од раѓањето на Делчев ќе ја одбележи претседателот Стево Пендаровски со неколку активности меѓу кои и положување на цвеќе во Свети Спас. И од македонската влада објавија низа активности во кои се вклучени вицепремиерот Артан Груби и неколкумина министри. Бугарската делегација, предводена од министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, во 13 часот во црквата Свети Спас во Скопје, каде што се наоѓа гробот на револуционерот ќе ја предводи бугарската делегација што ќе положи цвеќе. Во исто време, 13 часот од македонската влада најавија дека таму ќе биде и делегација на македонската влада составена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и заменичката министерка за надворешни работи Фатмире Исаки и дека ќе положи венец заедно со делегации од Република Бугарија.

Во Бугарија премиерот Кирил Петков ќе положи цвеќе заедно со вршителот на должноста амбасадор на Северна Македонија во Бугарија, Владимир Крастевски, а потоа со претседателот Румен Радев во Благоевград ќе одадат почит на споменот на Гоце Делчев.