Разговори за минималната плата, синдикатите со предупредувачки протест

Претседателот на Сојузот на синдикатите Дарко Димовски

Владата, синдикатите и работодавачите денеска попладне ги продолжуваат разговорите за договор за синдикалното барање за зголемување на минималната плата на 18.000 денари. Претходно, од 13:30 до 14:30 часот, според најавата на синдикатите, ќе биде блокирана улицата пред седиштето на Организацијата на работодавачи во центарот на Скопје во знак на незадоволство од нивниот предлог за методологијата на минималната плата.

ССМ бара зголемување на минималната плата и исплата на К-15 за јавниот сектор

Претседателот на Сојузот на синдикатите Дарко Димовски изјави дека за нив е неприфатлив предлогот на работодавачите според кој минималната плата би изнесувала 16.164 денари. Нивна делегација ќе присуствува и на седницата на Економско-социјалниот совет закажана за 16 часот во Владата, а доколку не биде прифатено нивното барање за минимална плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на сите останати плати, ќе излезат на генерален штрајк. „Доколку во 16 часот не се прифатат барањата за минимална плата од 18 илјади денари и скалескт зголемување на сите плати, штрајкот ќе се роди пред овие две организации на работодавачи и во иднина ќе продолжи на нивна штета бидејќи нема да дозволиме штетата да ја трпи само работникот“, вели Димовски.

Нема договор за зголемување на минималната плата, нова средба в петок

Во средата на седницата на Економско-социјалниот совет не беше постигнат договор за зголемување на минималната плата. Консензус има дека минималната плата треба да се зголеми, но, не и за колку или на каков начин да се дојде до тоа. „Ги уверувам сите граѓани коишто се во категоријата на приматели на минимална плата, дека наскоро ќе има консензус околу нивните покачени минимални плати“, изјави по седницата вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Според него, треба да се зборува за креирање систем, механизам, кој и наредните години ќе осигура дека минималната плата навистина е достоинствена и, како што нагласи, веќе ќе заборавиме да зборуваме за минимална плата, туку за достоинствени плати на нашите работници. Поради зголемените трошоци за живот и енергетската и ковид кризата, Синдикатот бара минималната плата веднаш да биде зголемена на 18.000 денари.