По последните јавни настапи на претставниците на Заедничката Комисија за историски и образовни прашања, македонското министерство за надворешни работи излезе со соопштение во кое потенцира дека ставовите на нејзините членови и копретседатели не се дел од политичките ставови на македонската и бугарската Влада.
„Ја разбираме потребата на членовите на Комисијата, особено на нивните Копретседатели, јавно да ги изложуваат нивните погледи и ставови, но истите притоа не треба да се толкуваат како државни позиции, ниту, пак, како дел од политичките ставови на двете Влади“, се наведува во соопштението.
Од македонското МНР додаваат дека работата на Заедничката Комисија за историски и образовни прашања, преставува важен елемент за исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година.
„Соодветно на најновата иницијатива на двете држави, потврдена во рамките на заедничката седница на двете Влади, за проширување и продлабочување на меѓусебната соработка во сите области, ја поздравуваме одлуката на двата Копретседатели на Комисијата за интензивирање на динамиката на работата на Комисијата, со цел надминување на разликите за најчувствителните прашања“, се наведува во соопштението.
Од МНР додават дека двете Влади уште еднаш ги повикуваат сите, вклучувајќи ги и членовите на Комисијата, за одржување на веќе договорената динамика на активности, а со цел да се искористи новиот моментум за надминување на разликите меѓу двете земји и откочување на процесот на европски интеграции на земјава.
Претходно, во пресрет на утрешното заедничкото чествување на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на политичари од Македонија и од Бугарија, македонскиот копретседател на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу двете земји Драги Ѓоргиев за Радио Слободна Европа оцени дека ова ја става комисијата во апсурдна ситуација.
„Ако политичарите се договараат заеднички да чествуваат одредени личности или настани од историјата на Македонија и на Бугарија околу кои има некои точки на спојување тогаш која е целта на самата комисија? Што треба таа комисија да направи во однос на Гоце Делчев, ако веќе самите политичари се договориле да го слават Гоце Делчев заедно? “ вели Ѓорѓиев.
Бугарскиот копреседател на Заедничката историска комисија професорот Ангел Димитров изјави дека нема да има промени од бугарска страна во заедничката историска комисија со Република Северна Македонија.
„Кога се разговара за тоа како да се подготви текст до владите за заедничка прослава, колегите од Република Северна Македонија се движат од сегашноста во минатото - од нивната идеја за Гоце Делчев, без да зборуваат за Гоце Делчев во неговото историско време. Ова е пристап кој не е историски. Предлагаме прво да се оцени личноста во неговото историско време и оттаму да се разбере неговото значење за сегашноста“, изјави Димитров за националната бугарска телевизија БНТ.
Инаку, ова не е првпат политичарите од двете земји да го чествуваат Делчев. Во 2017 година и во 2019 година поранешните премиери на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов положуваа цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.
Заедничката комисија за историски и образовни прашања која е формирана во 2018 година на повеќе состаноци досега не можеше да стигне до заеднички предлог за чествувањето на револуционерот, а за неговото дело често имаше искричења меѓу историчарите од македонска и бугарска страна.
Новите премиери во двете земји Димитар Ковачевски и Петков најавија нов пристап во разговорите за деблокирање на македонските европски интеграции кои Бугарија ги блокираше во 2020 година поради нерешени билатерални прашања, тогаш со инсистирање за решавање на прашања и личности од историјата кои се сметаат за спорни оти се важни и за двете општества. Сега премиерите формираа и други работни групи освен за историјата и најавија фокус и врз економијата и иднината.