Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Народниот правобранител ќе истражуваат како 11-годишната Ембла Адеми, ученичка со Даунов синдром остана сама во училница поради бојкот од страна на родителите на нејзините соученици.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација отвори постапка по службена должност за сегрегација на четвртоодделенката од Гостивар. Таа второто полугодие го почна во празна училница во ОУ „Башкими“ поради бојкот на родителите на децата кои учат со неа.
Како што соопштија од Комисијата, постапката е започната по службена должност, откако во дел од медиумите беше објавена сторија која се пренесе на социјалните мрежи, како и по петицијата потпишана од родителите на соучениците. Комисијата најави дека в понеделник ќе изврши увид во училиштето, а соопштија и дека веќе биле разговале и со директорот на училиштето и со градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.
Претходно денеска, Таравари го посети училиштето. Тој посочи дека уште во декември дознал за петиција од родители на соучениците на девојчето, но дека општината обезбедила лична асистентка за Ембла, но и дефектолог кој работи со детето.
Испитување на случајот најави и Народниот правобранител, кој истакна дека е недозволиво е овие ученици да бидат жртва на непоготвеноста на поединци да ги прифатат различните и да им биде отежнат пристапот до образовниот процес. Тој ги охрабри родителите да не молчат за овие случаи.
Министерот за образование и наука, Јетон Шакири, преку својот Фејсбук профил соопшти дека од денеска девојчето е вратено помеѓу своите соученици.
Осуда за настанот стигна и од УНИЦЕФ од каде побараа да се направи поголем колективен напор за да им се овозможи на сите деца да го остварат своето право на квалитетно и инклузивно образование.
„Потребно е раководствата на училиштата, наставниците и заедниците да обезбедат соодветни услови за инклузивно образование и да сносат одговорност доколку не успеат во тоа“, наведуваат од УНИЦЕФ.
Случајот силно одекна во јавноста, а социјалните мрежи беа полни со поддршка за ученичката со Даунов синдром, но и осуда за дискриминацијата од страна на родителите на децата со кои учи во исто одделение.