МВР заплени суровина за амфетамини која од Кина слета на скопскиот аеродром

Македонската полиција во меѓународна акција запленила еден тон суровина со која може да се призведе голема количина на синтетичка дрога -амфетамини во вредност од над 50 милиони евра, наменет за земја од Европската Унија.

Од министерството за внатрешни работи потврдуваат дека во акцијата на скопскиот Аеродром е извршена заплена при што се приведени две лица кои биле дел од меѓународна организирана криминална група, а се преземаат мерки за приведувања и на други лица.

Тројца полицајци и петмина цариници приведени за криумчарење и трговија со наркотици

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека материјата со која се произведува амфетамин ја набавиле македонски државјани од лица од Кина. Пратката преку Турција пристигнала во Македонија со крајна дестинација земја од ЕУ.

„Оваа акција уште еднаш ја демонстрира посветеноста на Министерството за внатрешни работи за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, каде бележиме одлични резултати, а со ист интензитет на посветеност продолжуваме и во наредниот период“, вели Спасовски во видео обраќање кое е објавено на веб страната на МВР.

Три македонски банди го држат црниот пазар со дрога

Тој посочи дека во оваа меѓународна акција учествувале полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Единица за недозволена трговија со дрога во соработка и координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Јавното обвинителство на Турција, Царинските служби на Турција и Северна Македонија, како и СЕЛЕК (Центарот за спроведување на законите во Југоисточна Европа).