Турција нема да го почитува Советот на Европа доколку тој не ги почитува турските судови, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, откако беше прашан за одлуката за случајот против филантропот Осман Кавала да се врати пред Европскиот висок суд, пренесува Ројтерс.
Кавала е еден од најпознатите турски притвореници. Тој е во затвор повеќе од четири години без осуда. Европскиот суд за човекови права пред повеќе од две години пресуди дека Кавала треба веднаш да биде ослободен, велејќи дека тој е приведен за да биде замолчен, но Турција не ја спроведе пресудата.
Советот денеска соопшти дека неговиот комитет го упатил случајот до Европскиот суд за човекови права за да утврди дали потегот на Турција е во согласност со Европската конвенција за човекови права.
Упатувањето до Европскиот суд за човекови права е следниот чекор во „прекршочната постапка“ што може да доведе до суспензија на Турција од Советот на Европа - земја која е една од неговите основачи.
„Комитетот утврди дека Турција одбива да се придржува до конечната пресуда на Судот во неговиот случај, бидејќи не обезбеди итно ослободување на г-дин Кавала“, се вели во соопштението.
Говорејќи на прес-конференција, Ердоган рече дека Турција нема да ги признае оние што не ги признаваат нејзините судови.
„Она што го соопшти Европскиот суд за човекови права, што го кажува Советот на Европа, тоа нас не нѐ засега многу, бидејќи очекуваме да се почитуваат нашите судови“, рече турскиот претседател.
„На оние кои не ја покажуваат оваа почит им велам: извинете, но нема ни ние да имаме ни почит кон нив“, додаде Ердоган.
Министерството за надворешни работи во средата соопшти дека Турција ја применила пресудата на Европскиот суд за човекови права и дека Кавала е притворен поради друга судска постапка.
Во 2020 година, Кавала беше ослободен од обвиненијата за учество во протести кои се одржуваа низ целата земја во 2013 година. Неколку часа подоцна, друг суд нареди негово апсење под обвинение за обид за уривање на уставниот поредок во врска со обидот за пуч во 2016 година, за кој Европскиот суд за човекови права исто така рече дека нема основа.
Турскиот суд подоцна одлучи да го ослободи по тоа обвинение, но му одреди притвор, обвинувајќи го за шпионажа во истиот случај - потег за кој критичарите велат дека има за цел да ја заобиколи пресудата на Европскиот суд за човекови права.