Американските специјални сили извршија антитерористички напад во северозападниот дел на Сирија, во близина на турската граница, кој е под контрола на опозицијата, соопшти Пентагон. Портпаролот Џон Кирби изјави дека мисијата била успешна и дека нема американски жртви, но не наведе други детали, пренесува Би-Би-Си.
Спасувачката служба „Бели шлемови“ соопшти дека се убиени најмалку 13 лица во градот Атме, меѓу кои шест деца и четири жени.
Агенцијата Ројтерс повикувајќи се на сириски извори објави дека операцијата била насочена кон еден од водечките џихадисти.
Претставник на бунтовниците, кој одби да биде именуван, за Ројтерс вели дека џихадистот, кој бил очигледна цел на рацијата, во тоа време бил со неговото семејство.
Жители на Атмех изјавија дека во четвртокот околу полноќ слетале неколку хеликоптери и дека два часа слушале пукотници и гранатирање. На фотографиите објавени на социјалните мрежи се гледаат уништени згради.
Меѓу џихадистичките групи кои дејствуваат во северозападна Сирија се и Хурас ал-Дин (Чувари на религијата), фракција која е поврзана со Ал Каеда.
Американските сили со години користеа беспилотни летала со кои извршуваа напади врз џихадистите во областа, но операцијата во четвртокот се чини дека е најголема од ваков вид откако лидерот на „Исламската држава“ Абу Бакр ал-Багдади беше убиен во специјална операција на САД во 2019 година, изјави Чарлс Листер - виш соработник на Институтот за Блискиот Исток со седиште во Вашингтон.
Борците на Исламската држава повторно се појавуваат како смртоносна закана, поради недостаток на контрола на централната влада во многу области.
САД понудија награди за информации што ќе доведат до идентификација на лидерите на Хурас ал-Дин.
Северозападна Сирија е последната преостаната голема енклава која ја држат бунтовниците кои се борат против претседателот Башар ал Асад.
Најмоќната група во оваа област е Хајат Тахрир ал Шам, поранешен фронт Нусра, кој беше дел од Ал Каеда до 2016 година.