Пиштоли и комисии

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин држи пиштол на главата на Украина во обид да принуди промена на архитектурата на европската безбедност, изјави во вторникот во Киев британскиот премиер Борис Џонсон, нагласувајќи дека не ја преувеличува руската закана. „Ова е јасна и присутна опасност. Гледаме како се собираат голем број војници, гледаме подготовки за сите видови операции кои се во согласност со претстојна воена кампања“, рече Џонсон, додавајќи дека денеска телефонски ќе разговара со Путин.

МАКЕДОНИЈА - По три часа преговори, заврши состанокот на Економско-социјалниот совет во Владата на кој Организацијата на работодвачите, владините претставници и синдикатите разговараа за зголемување на минималната плата, а на кој не биле усогласени ставовите меѓу страните.

РУСИЈА - Рускиот суд во Сибир му изрече шестгодишна затворска казна на Јеховин сведок во услови на тековната акција против религиозната група која е забранета во земјата од 2017 година.

САД - САД оваа недела ќе испратат околу 3.000 војници во Полска, Романија и Германија, соопшти денеска Пентагон. Потегот доаѓа во услови кога Вашингтон ги зајакнува сојузниците во Европа поради зголемувањето на руските војници во близина на границата со Украина.

МАКЕДОНИЈА - Во пресрет на заедничкото чествување на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на политичари од Македонија и од Бугарија кое би требало да се одржи в петок на четврти февруари, копретседателот на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу двете земји Драги Ѓоргиев оценува дека ова ја става комисијата во апсурдна ситуација. За Радио Слободна Европа тој вели дека не знае зошто е донесена таа одлука, меѓутоа дека ако политичарите нашле начин и формула да го слават заеднички Делчев тогаш тој сегмент од работата на комисија, како што вели, треба да биде тргнат.

РУСИЈА / МАКЕДОНИЈА - Русија секогаш безусловно признава самостојноста и автентичноста на македонскиот јазик историја, култура и идентитет, изјави денеска рускиот амбасадор Сергеј Баздникин при неговата посета на Куманово. Тој во изјава за медиумите посочи дека Русија и натаму останува посветен пријател на државата.

ТУРЦИЈА / ГРЦИЈА - Најмалку 12 мигранти денеска починале од смрзнување во турскиот град Едрене долж границата со Грција, откако грчките власти наводно ги потиснале назад, соопшти турскиот министер за внатрешни работи. Според локалната метеоролошка агенција, температурата во Ипсала беше 2 Целзиусови степени со дожд.

НОРВЕШКА - Норвешка стана втората скандинавска земја што ги укина рестриктивните мерки и ограничувања за спречување на ширењето на ковид-19 и покрај порастот на инфекции со коронавирус предизвикани од омикрон сојот кој е лесно пренеслив. Омикрон сојот предизвика пораст на бројот на заразени со ковид-19, но хоспитализацијата не е зголемена во популација каде што има широк опсег на вакцинација.