По три часа преговори, заврши состанокот на Економско-социјалниот совет во Владата на кој Организацијата на работодвачите, владините претставници и синдикатите разговараа за зголемување на минималната плата, а на кој не биле усогласени ставовите меѓу страните.
Имаме консензус дека минималната плата ќе се зголеми, изјави по состанокот вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, посочувајќи дека на маса биле два предлози: едниот на Сојузот на синдикати (ССМ), а другиот од Организацијата на работодавачи и дека дијалогот ќе продолжи во петок по 16 часот.
„Ги уверувам сите граѓани кои се во категоријата на приматели на минимална плата, дека наскоро ќе имаат консензус околу нивните покачени минимални плати. Но, кажавме дека единствен начин како да се стигне до достоинствена плата за нашите работници, е креирање на систем кој е долгорочен“, рече Битиќи.
Тој изјави дека работодавачите се согласни дека траба да се зголеми минималната плата, но дека треба да се стигне до консензус и оти за тоа е потребно време.
Битиќи исто така наведе дека работодавачите барале да се смени методологијата за усогласување на минималната плата и да се воспостави нов критериум.
Претставниците на синдикатите рекоа дека работодавачите во „пет до дванаесет“ дале „измислен предлог за да купат време до петок“, но посочија дека на 10 февруари треба да влезе во процедура предлог-законот за минимална плата.
„Анализите покажуваат дека минималната плата мора да расте и сите останати плати. Тоа е согласно законот и колективниот договор“, ијави Дарко Димовски од ССМ предупрдувајќи дека ако бидат прифатени барањата на синдикатите ќе пристапат кон генерален штрајк.
Претставниците на работодавачите рекоа река дале нивни предлози во Владата, но дека очекуваат да бидат направени анализи, а дека конечното решение треба да биде донесено со консензус.
Инаку, синдикатот бара зголемување на минималната плата на 18.000 денари веднаш и спирално зголемување на сите останати плати, а доколку не биде исполнето ова нивно барање, најавуваат штрајк, но не се исклучени и други форми на изразување незадоволство како протести и блокирање улици.
Минималната плата се усогласува секој март во годината, но синдикатот бара зголемување веднаш. Смета дека ваквото барање е егзистенцијално имајќи го предвид зголемувањето на трошоците за живот, економската и енергетската криза. Како аргумент плус го посочуваат и тоа дека две минимални плати не се доволни да ги задоволат минималните трошоци на едно семејство.
Минималната плата беше воведена во јануари 2012 година, кога беше донесен Законот за минимална плата. Тогаш минималната плата изнесуваше 8.050 денари. Последната законски утврдена минимална плата беше во 2019 година, кога беше утврдена на 14.500 денари. Во меѓувреме со усогласувањето со трошоците на живот таа се искачи на околу 15 илјади денари. Висината на минималната плата во 2019 година беше усогласена по неколкумесечно преговарање преку социјален дијалог со сите социјални партнери, во договор и со синдикатите и работодавачите.