Украина смета дека руските сили во близина на нејзината граница сè уште не се доволно големи за да извршат целосна инвазија, иако САД продолжуваат со инсистирањето дека нападот може да биде „неизбежен“.
Русија собра повеќе од 100.000 борбено подготвени војници и тешка опрема во близина на Украина и на Крим, што според САД може да биде увертира за инвазија.
Проценката на Украина и нејзините партнери е дека бројот и составот на руските сили „не се доволни за целосна инвазија“, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во интервју за странските медиуми. Меѓутоа, тој рече дека земјата „ја следи понатамошната динамика“.
Кулеба, исто така, ја коментираше одлуката на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да ги евакуира од Украина членовите на семејствата на претставниците на американската амбасада, велејќи дека тоа е прерано.
Тој рече дека со недели се зборува за неизбежна војна, а дека фактот оти сè уште ништо не се случило е знак дека дипломатијата и одвраќањето функционираат.
Тој го повика Западот да постигне конечен договор за тоа какви санкции ќе и наметне на Русија доколку таа ја нападне Украина и побара тие мерки сега да му бидат соопштени на Кремљ.