Пентагон испраќа војници во Полска, Романија и Германија

Архива - САД: Портпаролот на Пентагон Џон Кирби на брифинг во Пентагон. 24 јануари 2022 година.

САД оваа недела ќе испратат околу 3.000 војници во Полска, Романија и Германија, соопшти денеска Пентагон. Потегот доаѓа во услови кога Вашингтон ги зајакнува сојузниците во Европа поради зголемувањето на руските војници во близина на границата со Украина.

Околу 2.000 американски војници од САД ќе бидат распоредени во Полска и Германија, додека околу 1.000 војници, кои сега се присутни во Германија, ќе бидат преселени во Романија, изјави портпаролот на Пентагон Џон Кирби.

На брифингот со новинарите Кирби рече дека распоредувањето на војниците се „непогрешливи сигнали за светот дека сме подготвени“ и дека движењето на војниците не е „вкупниот збир на одвраќачки дејства“ што ќе ги преземат САД.

Тој повтори дека Соединетите држави се подготвени да продолжат со дипломатските напори за намалување на тензиите предизвикани од военото засилување на Русија и не веруваат дека конфликтот е неизбежен.

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела изјави дека е подготвен да ја зајакне одбраната на НАТО, но дека нема да стави американски војници во Украина да се борат против било каков руски упад.