Во пресрет на заедничкото чествување на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на политичари од Македонија и од Бугарија кое би требало да се одржи в петок на четврти февруари, копретседателот на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу двете земји Драги Ѓоргиев оценува дека ова ја става комисијата во апсурдна ситуација. За Радио Слободна Европа тој вели дека не знае зошто е донесена таа одлука, меѓутоа дека ако политичарите нашле начин и формула да го слават заеднички Делчев тогаш тој сегмент од работата на комисија, како што вели, треба да биде тргнат.
„Мое лично мислење е дека заедничкото политичко чествување на Гоце Делчев од страна на двете влади ја става комисијата во поглед на заедничките чествувања во една апсурдна ситуација. Ако политичарите се договараат заеднички да чествуваат одредени личности или настани од историјата на Македонија и на Бугарија околу кои има некои точки на спојување тогаш која е целта на самата комисија? Што треба таа комисија да направи во однос на Гоце Делчев, ако веќе самите политичари се договориле да го слават Гоце Делчев заедно? “ вели Ѓорѓиев.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Инаку, ова не е првпат политичарите од двете земји да го чествуваат Делчев. Во 2017 година и во 2019 година поранешните премиери на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов положуваа цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.
Заедничката комисија за историски и образовни прашања која е формирана во 2018 година на повеќе состаноци досега не можеше да стигне до заеднички предлог за чествувањето на револуционерот, а за неговото дело често имаше искричења меѓу историчарите од македонска и бугарска страна. Досега комисијата има усвоено препораки за заедничко чествување на пет личности - Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски. Заедничкото чествување на Делчев минатата недела го најави бугарскиот премиер Кирил Петков кој во тамошното собрание кажа дека двете земји подготвуваат чествување на 150-годишнината од раѓањето на револуционерот.
Петков најави заедничко македонско-бугарско чествување на раѓањето на Делчев
Новите премиери во двете земји Димитар Ковачевски и Петков најавија нов пристап во разговорите за деблокирање на македонските европски интеграции кои Бугарија ги блокираше во 2020 година поради нерешени билатерални прашања, тогаш со инсистирање за решавање на прашања и личности од историјата кои се сметаат за спорни оти се важни и за двете општества. Сега премиерите формираа и други работни групи освен за историјата и најавија фокус и врз економијата и иднината.