Турција ја обвини Грција за смртта на 12 мигранти

Илустрација, мигрант на минусти температури во бегалски камп

Најмалку 12 мигранти денеска починале од смрзнување во турскиот град Едрене долж границата со Грција, откако грчките власти наводно ги потиснале назад, соопшти турскиот министер за внатрешни работи. Според локалната метеоролошка агенција, температурата во Ипсала беше 2 Целзиусови степени со дожд.

„Дванаесет од 22 мигранти потиснати од грчките гранични единици, на кои им биле соблечени облеката и чевлите, се смрзнаа до смрт“, напиша турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу на Твитер.

Објавата на Твитер беше поткрепена со фотографии од тела во близина на, како што рече, граничниот премин Ипсала. Како што јавува новинската агенција ДПА автентичноста на фотографиите не може да се потврди од независни извори. Националноста на жртвите сè уште не е позната.

„ЕУ е неизлечива, слаба и лишена од човечки чувства,“ напиша Сојлу и ги обвини грчките гранични единици дека се „насилни кон жртвите, а толерантни кон ФЕТО“.

Брод со мигранти се преврте во Егејското Море, најмалку 16 загинати

Засега нема официјална реакција од Атина.

Организациите за човекови права ја критикуваат Атина за незаконско потиснување на бегалците кон Турција. Атина негира и вели дека ги штити европските граници во согласност со меѓународното право.

Морето исфрли 27 тела на удавени мигранти во Либија

Во Турција во моментов има околу 3,7 милиони сириски бегалци, покрај стотиците илјади мигранти од други земји.