Норвешка укина анти-ковид мерки, Русија урива рекорди со нови инфекции

Илустрација Норвешка, Осло антиковид мерки

Норвешка стана втората скандинавска земја што ги укина рестриктивните мерки и ограничувања за спречување на ширењето на ковид-19 и покрај порастот на инфекции со коронавирус предизвикани од омикрон сојот кој е лесно пренеслив. Омикрон сојот предизвика пораст на бројот на заразени со ковид-19, но хоспитализацијата не е зголемена во популација каде што има широк опсег на вакцинација.

„Конечно стигнавме до точка каде што може да ги укинеме здравствените мерки со кои моравме да живееме оваа зима“ изјави премиерот Јонас Гар Стор на прес конференција

Над 780 илјади на случаи на инфекции и 1 440 смртни случаи се регистрирани во Норвешка, при што над 90 проценти од населението е целосно вакцинирано.
Норвешката одлука за укинување на рестриктивните мерки стапи на сила на почетокот на месецов, откако Данска беше првата земја од Европската Унија која ги укина сите ограничувања и покрај рекордните инфекции со коронавирусот предизвикани од омикрон варијантата.

Данска ги укина повеќето ковид мерки

Данска повторно ги отфрли мерките за задолжително н осење на маски за лице, потоа сертификатите за ковид-19 и ограниченото работно време за баровите и рестораните. Остануваат во сила само неколку ограничувања на границите на земјата за невакцинирани патници кои пристигнуваат од земји кои не се членки на Шенген.

Русија со рекорден број на заболени од ковид

Соочени со пониско ниво на хоспитализации отколку во претходните бранови, неколку европски земји, вклучувајќи ги Франција, Ирска и Обединетото Кралство, најавија укинување или значително намалување на нивните ограничувања, и покрај рекордните или многу високите случаи.

Франција на 2 февруари го укина задолжителното носење маски на отворено во обид да го олесни секојдневниот живот на граѓаните.
Ограничувањата на капацитетот на публиката за концертни сали, спортски натпревари и други настани исто така беа отстранети, и иако работењето од дома во професии каде што тоа е можно нема да биде задолжителни, тоа сепак се препорачува.
Во Кина, два дена пред церемонијата на отворање на Зимските олимписки игри во Пекинг, организаторите рекоа дека очекуваат бројот на инфекции да се намали во рок од неколку дена и покрај просечните повеќе од 30 случаи во областа во последните три дена.
Олимпијадата ќе се одржи во „затворен балон “ што ќе ги држи спортистите и другиот персонал на Игрите одвоени од пошироката јавност.
Од друга страна, Русија денеска повторно собори рекорд на дневен број случаи на ковид-19 достигнувајќи 141 883 што е за 20 илјади повеќе од претходниот ден. Во изминатите 24 часа во Русија се евидентирани 678 смртни случаи од последици од ковид-19.