Ставови и стравови
РУСИЈА - Рускиот суд го отфрли барањето на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални да го поништи неговиот статус на терорист и екстремист.
МАКЕДОНИЈА - Од здружението на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин денеска реагираат на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, која како што посочуваат е неодговорна: Неговата изјава е лага и клевета и како таква е срамна за сите, а особено за претседателот бидејќи срамот паѓа на сите граѓани. Нашата партија никогаш не пропагирала сепаратистички идеи. Досега ниту една македонска организација или Македонец во Бугарија не е обвинет, суден или осуден за сепаратистички дејствија.
БУГАРИЈА - Бугарскиот претседател Румен Радев смета дека посетата на премиерот Кирил Петков на Република Северна Македонија била избрзана и може погрешно да се протолкува. Секоја избрзана акција на бугарската влада, секој позитивен прелиминарен сигнал може погрешно да се протолкува како некакви отстапки од бугарска страна, изјави Радев.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин повторно тврди дека загриженоста на неговата земја за безбедноста била игнорирана од страна на Соединетите Држави и НАТО во услови на интензивни дипломатски напори за намалување на тензиите околу Украина.
САД - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен повика на итна деескалација и повлекување на руските војници од областите во близина на украинската граница.
УКРАИНА - Претседателот Володимир Зеленски ги повика Украинците да останат смирени и обединети додека владата и лидерите ширум светот прават напори да ја спречат можната инвазија на Русија, која распореди десетици илјади војници долж границата.
МАКЕДОНИЈА - Претседателот на државата Стево Пендаровски смета дека реториката што се слуша од бугарските членови на Заедничката комисија за историски и образовни прашања ќе ја отежнува нејзината работа.
КОСОВО - Лидерите на косовските опозициски партии велат дека конечниот договор со Србија за нормализирање на односите меѓу двете страни треба да биде постигнат без да се загрози суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово.
МАКЕДОНИЈА - Безбедносната состојба во земјата е стабилна и засега нема индиции кои би укажувале дека би можело да дојде до загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Северна Македонија, информираше по денешната 14-та Седница на советот за безбедност, претседателот Стево Пендаровски. Во однос на тензиите на украинско-руската граница, Пендаровски изјави дека Северна Македонија како земја членка на НАТО ги направила сите неопходни подготовки за можните сценарија во зависност од тоа како ќе се одвиваат настаните во овој регион, за кој рече дека останува потенцијално високо ризична зона.