Рускиот претседател Владимир Путин повторно тврди дека загриженоста на неговата земја за безбедноста била игнорирана од страна на Соединетите Држави и НАТО во услови на интензивни дипломатски напори за намалување на тензиите околу Украина.
Говорејќи во Москва, Путин рече дека Кремљ „внимателно ги анализира писмените одговори добиени од Соединетите Држави и НАТО“, но додаде дека „веќе е јасно дека фундаменталните руски грижи на крајот биле игнорирани“.
Ова е прва позначајна изјава на Путин по неколку недели за кризата предизвикана од стравувањата од руска инвазија на Украина. Тој минатата недела му ја пренесе истата порака на францускиот претседател Емануел Макрон, велејќи дека Русија ќе одлучи за понатамошни активности откако ќе ги проучи одговорите на САД и НАТО на нејзините безбедносни барања.
Русија побара правно обврзувачки гаранции од Соединетите Држави и НАТО дека Украина никогаш нема да се приклучи на блокот, дека ќе го запре распоредувањето на вооружените системи во близина на руските граници и дека нејзините сили ќе бидат вратени од Источна Европа.
Соединетите Држави го отфрлија барањето на Русија да и се забрани на Украина влезот на НАТО, но понудија, како што го нарекоа, нов „дипломатски пат“ за излез од кризата.
„Кога ги игнорираат нашите грижи, САД и НАТО укажуваат на правото на државите слободно да избираат како да ја обезбедат својата сигурност. Тоа е само еден дел од безбедносната равенка. Вториот составен дел е дека е невозможно да се дозволи зајакнување на сопствената безбедност на сметка на безбедноста на другите“, рече Путин.
Путин зборуваше за време на заедничката прес-конференција со унгарскиот премиер Виктор Орбан кој е во посета на Москва, откако американскиот државен секретар Антони Блинкен повика на „итна“ деескалација и повлекување на војниците од страна на Русија од областите во близина на границите на Украина.