Бугарскиот претседател Румен Радев смета дека посетата на премиерот Кирил Петков на Република Северна Македонија била избрзана и може погрешно да се протолкува. Секоја избрзана акција на бугарската влада, секој позитивен прелиминарен сигнал може погрешно да се протолкува како некакви отстапки од бугарска страна, изјави Радев.
Тој посочи дека за бугарската дипломатија е важно целосно да го реализира својот професионален капацитет, да не верува на надворешната експертиза, невладините организации и да не подлегнува на надворешниот притисок.
На новинарско прашање за средбата на претседателот Стево Пендаровски со ОМО Илинден, Радев рече дека постапките и однесувањето на македонскиот претседател не придонесуваат за толку посакуваниот напредок на РСМ кон ЕУ.
Секое барање за реципроцитет во граѓанските права е контрапродуктивно. Македонските Бугари се борат за еднаквост, која ќе биде загарантирана во нивниот устав со регистрирање. Тие се борат за нивна целосна интеграција во јавниот живот на државата. Тоа е радикално различно од сепаратистичките ставови и малцинските тврдења што ги исповедува народот со кој се среќава претседателот Пендаровски, додаде бугарскиот претседател, одговарајќи на на новинарски прашања пред неговото учество на настанот „Светот напред 2022“ во организација на „Економист“ во Софија.
Бугарија од 2020 година ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и оти македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Бугарската страна сега бара вметнување на македонските Бугари во уставот, но негираат постоење на македонско малцинство во Бугарија.
Бугарскиот премиер Кирил Петков најави дека Бугарија и Северна Македонија подготвуваат заедничкo чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Тоа би значело дека одбележувањето на раѓањето на Делчев ќе се одржи во петок на четврти февруари, датумот на кој е роден револуционерот.