Блинкен побара од Лавров итно повлекување на војниците долж украинската граница

Американскиот државен секретар Антони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен повика на „итна“ деескалација и повлекување на руските војници од областите во близина на украинската граница.

Во соопштението на Стејт департментот објавено по денешниот разговор на Блинкен со неговиот руски колега Сергеј Лавров, се наведува дека највисокиот американски дипломат дополнително ја повторил посветеноста на Вашингтон за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и правото на сите земји да ја одредат сопствената надворешна политика и сојузи.

„Секретарот побара итна руска деескалација и повлекување на војниците и опремата од границата со Украина. Тој нагласи дека понатамошната инвазија на Украина ќе биде дочекана со брзи и тешки последици и ја повика Русија да тргне по дипломатски пат“, стои во соопштението.

Русија распореди десетици илјади војници долж границата со Украина, што предизвика загриженост дека инвазијата на Москва во Украина е неизбежна. Русија негираше дека има намера да напдне во својот сосед.