Нови ковид протоколи за влез во Германија и Шпанија

Македонски сертификат за Ковид-19 вакцини

Донесени се нови ковид протоколи за влез во Германија и Шпанија, информираат од Министерството за надворешни работи согласно препораките од Европската комисија.

Оние што ќе сакаат да влезат во Германија ќе мора да имаат сертификат за вакцина со две дози од призната вакцина од ЕМА/Германија со важност од девет месеци наместо досегашните 12 месеци. Сертификатот за вакцинација со три дози призната вакцина од Германија засега ќе имаат неограничена важност.

Од МНР посочуваат дека патниците при влез ќе треба да ја имаат предвид важноста на нивниот сертификат со цел да не им биде одбиен влез.

Во Шпанија пак, според новите правила, ќе се прифаќаат потврдите за извршена имунизација со две дози вакцини од надлежните органи на Република Северна Македонија, доколку се поминати 14 дена од датумот на прием на втората вакцина и доколку не поминале повеќе од 270 дена од датумот на прием на втората вакцина. По истекот на рокот од 270 дена, сертификатот за имунизација издаден од надлежниот орган на земјата на потекло мора да содржи доказ за прием на трета доза вакцина.

Како што се наведува во соопштението, во Шпанија влез со PCR или NAAT тестови ќе биде дозволен само за патници кои имаат соодветна шпанска виза или дозвола за престој во земјата. Сертификатите за имунизација со две вакцини кои не се признаени од WHO и ЕМА ќе се прифаќаат само ако е примена третата доза вакцина признаена од страна WHO и ЕМА.