Зеленски ги повика Украинците да останат смирени додека се бара решение

Претседателот Володимир Зеленски со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Брисел

Претседателот Володимир Зеленски ги повика Украинците да останат смирени и обединети додека владата и лидерите ширум светот прават напори да ја спречат можната инвазија на Русија, која распореди десетици илјади војници долж границата.

Говорејќи денеска во парламентот, Зеленски рече дека „никој не одлучува за судбината на Украина зад нашиот грб“, додавајќи дека се надева дека наскоро ќе биде одлучено за датумот на следниот состанок на групата на Нормандискиот формат - која ги вклучува Украина, Русија, Франција и Германија, за решение за ескалацијата на тензиите.

„Ние активно работиме на тоа во најблиска иднина да одлучиме за датумот на следниот состанок на советниците во Берлин, каде се надевам дека ќе биде постигнат договор за средбата на лидерите на Нормандиската четворка“, рече Зеленски, истиот ден кога потпиша декрет за зголемување на вооружените сили на Украина за 100.000 војници во текот на три години, зголемување на платите на војниците и завршување на воениот рок почнувајќи од 1 јануари 2024 година.

Зеленски рече дека го потпишал указот „не поради војна“, туку „за наскоро да има мир“. Зеленски, исто така, рече дека Украина ќе создаде нов трилатерален политички сојуз со Велика Британија и Полска, поздравувајќи ја силната меѓународна поддршка за Украина.

Зеленски разговарал со претставници на 80 земји и меѓународни организации, кои, според него, еднострано ја поддржале Украина во тековниот судир со Русија.

Во меѓувреме, во Москва, висок руски дипломат на 1 февруари ги негираше извештаите дека Москва испратила писмен одговор на Вашингтон на предлогот на САД чија цел е деескалација на украинската криза.

Русија побара правно обврзувачки гаранции од Соединетите Држави и НАТО дека Украина никогаш нема да се приклучи на блокот, дека ќе го запре распоредувањето на вооружените системи во близина на руските граници и дека нејзините сили ќе бидат вратени од Источна Европа.