Рускиот суд го отфрли барањето на Навални да му го тргне статусот „терорист“

Алексеј Навални

Рускиот суд го отфрли барањето на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални да го поништи неговиот статус на „терорист и екстремист“.

Претставници на Федералната казнена служба на сослушувањето рекоа дека Навални бил означен со овој статус затоа што „извршил административни прекршувања на законите и прописите, основал организација која била препознаена како екстремистичка и затоа што против него е покрената кривична постапка за екстремизам“.

Одлуката на судот дојде една недела откако руските власти ги додадоа Навални и неколку негови соработници, од кои повеќето моментално се надвор од Русија исплашени за својата безбедност, во федералниот регистар на терористи и екстремисти. Навални и неговите поддржувачи, заедно со некои западни влади, ги осудија потезите како политички мотивирани.

„Јас отслужувам казна во овој затвор и сум означен како терорист и екстремист затоа што оние што се на власт не се само крадци и лицемери, туку и некакви патолошки лажговци, за кои е важно да ги обвинуваат сите околу нив за некои монструозни работи и да кажуваат буквално - Таа личност е терорист“, рече Навални.

Навални, еден од најгласните критичари на рускиот претседател Владимир Путин, беше уапсен во јануари минатата година по неговото враќање од Германија, каде што помина пет месеци опоравувајќи се од труење со нервен агенс за кое го обвинува Кремљ. Овие обвинувања ги отфрлаат руските власти.

Новинарите кои ги истражуваа околностите за труењето на Навални и кои ги цитираа неговите истраги за корупција, беа означени како „странски агенти“.

Минатата година, Московскиот градски суд сите организации поврзани со Навални ги прогласи за екстремистички, спречувајќи ги луѓето поврзани со него или со неговата мрежа на регионални канцеларии низ Русија, да можат да бараат јавни функции.

Пресудата за неговите организации исто така предвидува и можни долги затворски казни за активистите кои соработувале со нив.