Реториката на бугарските историчари ја отежнува работата на комисијата

Претседателот на државата Стево Пендаровски

Претседателот на државата Стево Пендаровски смета дека реториката што се слуша од бугарските членови на Заедничката комисија за историски и образовни прашања ќе ја отежнува нејзината работа.

„Она што мислам дека ја отежнува и ќе ја отежнува работата на Историската комисија и ќе ги обременува вкупните билатерални односи независно што направивме вкупно пет комисии, освен Историската, е реториката која се слуша од време навреме од членови на Историската комисија од Софија, кои на дневна основа се обидуваат уште пред да се сретнат со своите македонски колеги да наметнат како треба да биде решението во работењето на таа Комисија, изјави денеска Пендаровски на прес-конференцијата по седницата на Советот за безбедност“, одговарајќи на новинарско прашање.

Мој совет до сите тие, додава Пендаровски, е „помалку зборување по медиуми, помалку прејудицирање на исходот од работата на таа Комисија, а повеќе конкретни резултати, но само низ рамноправен дијалог со нивните македонски колеги“.

Претседателот Пендаровски смета дека нема аргументи и за реакција од бугарска страна по неговата средба со здруженија на Македонците од Бугарија, затоа што, како што нагласи и од соопштението и од изјавите по средбата, можело да се заклучи дека во разговорите немало ништо што оди против Договорот од 2017 година.

Ако некому смета самата средба на претседател на државата со Македонци кои живеат било каде во светот, нагласи Пендаровски, тоа не е мој, не е наш проблем. Тој потенцира дека ги сослушал Македонците од Бугарија и ги упатил дека остварувањето на нивните права може да го направат само во рамки на државата во која живеат или преку меѓународните судови.

Претседателот нагласи дека нема никаква позадина во неодамнешната средба и оти здружението ОМО „Илинден Пирин“ побарало да се види со него, а тој не ги одбил, како што претходно во изминатите две и пол години откако е на функцијата, како што вели, не одбил ниту здружение, ниту поединец кој сакал да се види со него.