Лидерите на косовските опозициски партии велат дека конечниот договор со Србија за нормализирање на односите меѓу двете страни треба да биде постигнат без да се загрози суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово.
Ова се заклучоците на опозициските партии по средбите со специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар и специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот Белград-Приштина Мирослав Лајчак.
Лајчак и Ескобар се во Косово од 31-ви јануари за да ги охрабрат политичарите да го продолжат дијалогот со посредство на ЕУ во Брисел.
Водачот на Демократската партија на Косово (ДПК), Мемли Красниќи, рече дека го поддржува дијалогот со Србија како механизам за постигнување конечен договор. Напомена и дека конечниот договор треба да содржи меѓусебно признавање, но да не се загрозува територијалниот интегритет и суверенитет, како и уставниот поредок.
Од друга страна, лидерот на Алијансата за иднината на Косово (АБК), Рамуш Харадинај, оцени дека конечниот договор со Србија не може да се постигне без активно учество на САД.
„Ја повторив нашата посветеност на сеопфатен, правно обврзувачки договор, кој треба да резултира со взаемно признавање, со постојните граници, истовремено почитувајќи го уставниот поредок на Република Косово, што може да се постигне само со активната улога на Соединетите Држави“, Харадинај напиша на Фејсбук.
Ескобар и Лајчак на 31 јануари во Приштина се сретнаа со косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, по што на прес-конференција изјавија дека ги охрабруваат сите страни да продолжат со дијалогот.