Данска ги укина повеќето ковид мерки

илустрација

Данска стана една од првите земји од Европската Унија која ги укина повеќето рестриктивни мерки бидејќи скандинавската земја повеќе не го смета ковид 19 за „критична болест за општеството“.

Причината за тоа е што иако варијантата омикрон е во пораст во Данска, таа не претставува големо оптоварување за здравствениот систем и земјата има висока стапка на вакцинација, велат властите.

Данска има повеќе од 50.000 случаи на ден во просек во последните недели, додека бројот на луѓе во болничките оддели за интензивна нега е намален.

Шефот на данската здравствена администрација, Сорен Бростром, за данската ТВ2 изјави дека неговото внимание е насочено кон бројот на луѓе на интензивна нега, а не на бројот на заразени. Тој рече дека бројот „паѓа и паѓа и е неверојатно мал.“ Бростром додава дека во моментот 32 пациенти биле заразени со корона вирусот на интензивна нега. Пред неколку недели имаше 80.

Од денеска е укинато задолжителното носење маски за лице, кои веќе не се задолжителни во јавниот превоз, продавниците и затворените простории. Властите препорачуваат користење маски само во болници, здравствени установи и домови за стари лица.

Друго ограничување кое повеќе не е потребно е дигитална пропусница што се користи за влез во ноќни клубови, кафулиња, автобуси за забави и за седење во затворени простории во ресторани.

„Не се осмелувам да кажам дека ова е конечно простување на ограничувањата. Не знаеме што ќе се случи наесен. Дали ќе има нови варијанти“, изјави премиерката Мете Фредериксен за данското радио.

Укинато е и ограничувањето на работното време и бројот на луѓе кои можат да бидат во ноќните клубови. Остануваат само неколку ограничувања за невакцинираните патници кои доаѓаат од земји кои не се членки на шенген зоната.