Ховениер: САД и Косово го поддржуваат суверенитетот на Украина

Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер

Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, изјави дека Соединетите Држави и Косово го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, истакнувајќи дека дејствијата на Русија претставуваат закана не само за Украина, туку и за Европа и меѓународниот поредок.

Во неговиот авторски текст, објавен на официјалната веб-страница на амбасадата, Ховениер наведува дека САД, заедно со своите сојузници и партнери, ќе и помогнат на Украина во нејзините напори да се одбрани од натамошна руска агресија.

Откако Русија натрупа над 100.000 војници долж границата со Украина, западните земји реагираа со напомена дека официјална Москва можеби се подготвува да ја нападне Украина.

Поради растечките тензии, Косово соопшти дека ја поддржува Украина. Министерството за одбрана на Косово соопшти дека на САД им става на располагање одредени единици на косовските безбедносни сили, доколку е потребна интервенција.

Минатата година косовските безбедносни сили за првпат учествуваа во меѓународната мировна мисија во Кувајт заедно со американските војници. Амбасадорот Ховениер порача дека САД сакаат да продолжат да градат меѓународна коалиција на партнери во Европа и во светот, со цел да се спротивстават на заканите на Русија.

„Нашите пријатели во Косово се од суштинско значење во овој потфат. Нашето заедничко трансатлантско единство и решителност се најефективното средство што го имаме за да се спротивставиме на руската агресија. Ние сме посветени на дипломатијата и јасно ставивме до знаење дека дипломатскиот пат е единственото трајно решение за сите“, напиша Ховениер.

Тој заклучи дека руската закана за Украина е всушност закана за демократските вредности ширум светот, додавајќи дека „Американците и граѓаните на Косово мора да застанат заедно со Украина за да обезбедат слободна и стабилна Европа што е во најдобар интерес на луѓето во демократските држави, независно дали се Американци, граѓани на Косово или други граѓани ширум светот“.