Пари, историја и политика
МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека ќе има зголемување на минималната плата, но оти тоа треба да се направи низ економско-социјален дијалог со сите засегнати страни и во консултација и со синдикатите и работодавачите.
ГРЦИЈА - Невакцинираните здравствени работници во Грција кои веќе неколку месеци се на принуден одмор поради воведената задолжителна вакцинација, можно е по 31 март, кога и истекува конкретната одлука, да останат без работа, најави министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, кој сепак објасни дека сè уште не е донесена конечна одлука.
МАКЕДОНИЈА / РУСИЈА - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска се сретнал со рускиот амбасадор во Македонија Сергеј Баздникин и повикал на деескалација на состојбите околу Украина и изнаоѓање решение преку дијалог и дипломатски начин на комуникација, информира МНР. Османи го повторил ставот дека Македонија го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници.
МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Бугарската страна инсистира на заедничка историја, воспоставена во средниот век. Ние не бегаме од заедничката историја, но тоа не треба да се сфаќа на начин како тоа го сфаќа бугарската страна - дека историјата од средниот век до 1945 година е заедничка. Ако е така, тогаш тоа воопшто не е заедничка историја, туку е историја на еден ист народ. Таквиот пристап не е научен, не е историски, тоа е само едно политичко толкување, изјави Драги Ѓоргиев, копретседавач од македонска страна на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, коментирајќи ги последните изјави на бугарскиот копретседавач Ангел Димитров кој претходно рече дека се доцни оти Македонија не прифаќа дека имаме заедничка историја.
СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореја потврди дека тестирала балистичка ракета со среден дострел, способна да стигне до американската територија Гуам, што претставува најзначајното лансирање оружје на државата во последните години. Пјонгјанг изврши рекордни седум тестови на оружје од почетокот на годината додека се закани дека ќе се откаже од самонаметнатиот мораториум за лансирање на оружје со долг дострел и нуклеарно оружје.
САД - Американскиот Конгрес е блиску до постигнување договор за нацрт-законот кој предвидува нови економски санкции против Русија, изјави влијателниот демократски сенатор Боб Мененедез, ветувајќи сериозни последици за Москва во случај на напад врз Украина.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА / МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со Стјуарт Пич, Специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Соговорниците, како што се наведува во соопштенеито на кабинетот на Пендаровски, размениле мислења и информации за актуелните состојби во земјава и регионот, како и можностите за соработка со Обединетото Кралство за темите од заеднички интерес, поврзани со стабилноста и безбедноста, како и зајакнувањето на институтциите во борбата против организираниот криминал и високата корупција.