Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески на денешната прес-конференција во Собранието истакна дека за укинување на техничката или т.н. „пржинска“ влада, но и за сите прашања во врска со измените на Изборниот законик треба да се обезбеди консензус.
Митрески рече дека ставот на СДСМ околу оваа прашање е јасен и посочи оти ВМРО-ДПМНЕ таков консензус досега нема обезбедено ниту со „нивниот коалициски партнер Алијансата за Албанците“. Тој вели дека има време за разговор за овие прашања, „со оглед на тоа што изборите ќе бидат во 2024 година“.
Митрески потенцира дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на бројот на пратеници е лицемерно, бидејќи како што рече, до пред три години дополнително воведе три пратеници од дијаспората, а сега бара нивно намалување. Тој додаде и оти со Уставот е регулирано дека бројот на пратеници може да биде од 120 до 140, па за намалување на бројот на пратеници ќе бидат потребни уставни измени.
Тој потенцира и дека предлогот за една изборна единица датира уште од 2016 година и „лицемерието и лажењето на ВМРО-ДПМНЕ“ е што сите знаат дека тој пред изборите во 2020 година беше блокиран со илјадници амандмани од оваа партија. Митрески вели дека тие се залагаат за една изборна единица, но оти може да се отвори прашањето дали треба да има праг и колкав треба да биде тој.