Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска се сретнал со рускиот амбасадор во Македонија Сергеј Баздникин и повикал на деескалација на состојбите околу Украина и изнаоѓање решение преку дијалог и дипломатски начин на комуникација, информира МНР. Османи го повторил ставот дека Македонија го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници.
„Министерот Османи нагласи дека нашето членство во НАТО претставува значајно надворешно – политичко достигнување на земјава, што е израз на наша суверена одлука донесена едногласно во Собранието во 1993 година. Членството на Северна Македонија во НАТО Алијансата претставува гаранција за нашата безбедност, а воедно придонесува и за пошироката регионална безбедност и сигурност. Дополни, дека НАТО е алијанса за колективна одбрана на земјите членки и не претставува закана за Руската Федерација или која било друга земја во светот“, се наведува во соопштението на МНР.
Османи го реафирмирал повикот до Руската Федерација за отворен дијалог во рамки на Советот НАТО - Русија и во ОБСЕ со цел за унапредување на европската безбедност, што е од заеднички интерес за сите.
На средбата се разговарало и за улогата на Македонија како дел од ОБСЕ Тројката и идното претседавање со ОБСЕ во 2023 година.
Русија распореди над 100 илјади војници во близина на границата со Украина. Западот стравува дека Москва се спрема да ја нападне Украина, но Русија негира и бара гаранции дека НАТО веќе нема да се шири на Исток.