Димитров: Доцниме затоа што С.Македонија не прифаќа дека имаме заедничка историја

Ангел Димитров

Нема да има промени од бугарска страна во заедничката историска комисија со Република Северна Македонија, изјави за националната бугарска телевизија БНТ, професорот Ангел Димитров, кој е копретседател на Заедничката историска комисија меѓу Бугарија и Северна Македонија.

„Комисијата е научно тело, таа одлучува како треба да работи. Ние предвидовме, како одговор на новата енергија што се внесува во билатералните односи, поголема динамика во нашата работа. До средината на мај ќе има три средби. зголемување на темпото. Ова не е нешто ново, од бугарска страна комисијата сакаше да има уште многу состаноци низ годините за да се постигнат резултати. Првата средба годинава е на крајот на февруари“, вели Димитров.

Тој порачува дека нема притисок врз комисијата и дека имаат искуство, знаат што да очекуваат и дека пристапуваат со внимание и реализам, без посебни очекувања.

„Имаме две главни задачи - прегледување на учебниците по историја за тоа како се изучува предметот. Сè уште сме во средниот век, по предметот што се учи во основно училиште. Сè уште не сме стигнале до она што се учи во средно училиште, а работиме повеќе од три години. Сето тоа е поради неподготвеноста на нашите колеги да прифатат дека имаме заедничка историја, а тоа започна во средниот век. На тоа се должи блокирањето на нормалниот ритам на работата на комисијата и малите постигнати резултати“ вели тој.

Димитров порачува дека инсистирал повторно да се отвори разговорот за Гоце Делчев. Но, изразува жалење дека средбата на комисијата ќе биде по 150-годишнината од раѓањето на Делчев. Тој притоа даде пример за разликите на тема Гоце Делчев.

„Кога се разговара за тоа како да се подготви текст до владите за заедничка прослава, колегите од Република Северна Македонија се движат од сегашноста во минатото - од нивната идеја за Гоце Делчев, без да зборуваат за Гоце Делчев во неговото историско време. Ова е пристап кој не е историски. Предлагаме прво да се оцени личноста во неговото историско време и оттаму да се разбере неговото значење за сегашноста“. порачува Димитров.

Бугарскиот премиер Кирил Петков најави дека Бугарија и Северна Македонија подготвуваат заедничкo чествување на 150-годишнината од раѓањето на Делчев. Тоа би значело дека одбележувањето на раѓањето на Делчев ќе се одржи во петок на четврти февруари, датумот на кој е роден револуционерот.

Тој долго време беше тема на разговори во заедничката мешовите комисија за историски и образовни прашања, а членовите не успеаа да усогласат заедничка препорака за него. Досега комисијата има препораки за заедничко чествување на пет личности- Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски. Петков повтори дека тие нема да ги менуваат членовите на нивниот дел од комисијата. Во македонскиот тим пак досега се сменети двајца членови.